Poezija: Bipolar

Ми велиш
на сон ми доаѓаш и
на грев ме мамиш.
Велиш
Не знам на клада ли да те врзам
или до себе да те приковам.
Оти,
еднаш, ми доаѓа така,
да те грабнам
под кожата да те стуткам,
па векови тука да минуваш.
А друг пат
– како низ минско поле чекорам.
Па те вртам, те изминувам , прескокнувам.
Гол живот да спасам.

И молејќи ме да останам
Ми велиш
сакајќи те – ќе те оставам!

Велиш
Незнам дали коските да ти ги здробам,
или срцето во сеф да ти го заклучам.
Понекогаш ми иде,
како куче бездомник
на улица да те фрлам
– првиот минувач да те земе.
А веднаш потоа
кула висока градам
во неа да те оковувам,
и клучот на вратот го носам.
Друг да не те погледне – да не те посака!

Ми велиш
Ќе одам,
на крај на светот ќе одам!
И ќе те заборавам – како ич да не си била.
Само еден чекор да дадам!
И веднаш се премислуваш…
А што ќе ми е одењето
ако ти не чекориш пред мене.
И што ќе ми е светот
ако не можам тебе да ти го дадам…

Ми велиш
Остани, не оди си!
Во жар ќе изгорам,
пепел ќе се сторам.
Во жива вода ќе се потопам
камен врз себе ќе подигнам!
Не оди си,
гол живот спасувам!


А ти реков,
убаво ти реков на среќавање
Не пали го огнот,
оној – кој неумееш да го изгаснеш.

Foto: Pinterest

Autorka: Elizabeta Dončevska Lušin

Related posts